Франција отвори истрага против основачот на Телеграм

Основачот на Телеграм, Павел Дуров, според информациите од париското јавно обвинителство, меѓу другото е осомничен за недоволна соработка со властите во истраги за криминал и помош при кривични дела.

По неговото изненадувачко апсење во саботата (24.08) и испрашувањето кај истражен судија, Дуров вчеравечер (28.08) беше пуштен на слобода, но под строги услови. Основачот на Телеграм мора да плати кауција од пет милиони евра, двапати неделно да се јавува во полиција и не смее да ја напушти Франција, соопштија од јавното обвинителство. Притоа не е соопштено колку долго би можела да трае истрагата.

Основачот на Телеграм е обвинет за недоволна соработка во истрагите

Во Франција постои сомнеж дека поради тоа што не презел соодветни мерки во Телеграм и недоволно соработувал со властите, Дуров е ковиновен за дела како трговија со дрога, перење пари, измама и повеќе кривични дела за злоставување деца. Тој е обвинет и за недоволна соработка со властите кога станува збор за законски дозволените мерки за прислушување.

Дуров беше уапсен на аеродром во близина на Париз во саботата навечер. Според јавното обвинителство, прелиминарни истраги против Дуров се водат уште од февруари.

Телеграм Павел Дуров

На Дуров му се заканува затворска казна до десет години

Истрагата против Дуров на крајот може да доведе до кривичен процес доколку истрагата смета дека има доволно докази против обвинетиот. Само за обвинението дека со Телеграм пружил помош за илегални трансакции на Дуров му се закануваат 10 години затвор и парична казна од 500.000 евра, соопшти обвинителството.

Телеграм се брани од обвинувањата. Компанијата соопшти дека се почитувале сите важечки правила. Дуров, како што се вели, „нема што да крие“. Освен тоа, „апсурдно“ е платформата или нејзиниот сопственик да се сметаат за одговорни за злоупотреба на услугата од трети страни, се вели од Телеграм.

Според Дуров, платформата Телеграм, основана во 2013 година, сега има речиси милијарда корисници и е инсталирана како апликација на стотици милиони мобилни телефони.

Телеграм долго време се соочува со обвинувања дека не презема доволно конзистентни мерки против говорот на омраза и други нелегални активности. Сервисот за размена на пораки е критикуван дека е непрегледно организирана платформа на која криминалците, вклучително и терористи, дилери на дрога и луѓе кои водат војни, можат слободно да се организираат многу полесно отколку на други социјални мрежи. Дуров ја напушти Русија пред години бидејќи одби да соработува со властите во својата татковина. Самата компанија, пак, нагласува дека нејзината работа е во рамките на „стандардите на индустријата“.