Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, министерот за култура и туризам Зоран Љутков, менаџментот на ТАВ и директорот на германскиот тур-оператор на RSD Reisen Хорст Живковиц, денеска на Меѓународниот аеродром Скопје го пречекаа првиот чартер-лет на авиокомпанијата „Фрибрд ерлајнс“, кој ја донесе првата група од 180 германски туристи. Со ова се одбележа почетокот на овие чартер-летови кои ќе пристигнуваат на скопскиот аеродром секој ден, почнувајќи од денеска до почетокот на јуни, и потоа од октомври до средината на декември. Се очекува овие организирани летови да донесат 35.000 туристи во земјава.
Министерот за транспорт Николоски, истакна дека ова е ден за паметење, затоа што, како што рече, Македонија гледа голем број на туристи надвор од главната сезона.
-Она што е најзначајно да се каже е дека со заеднички напор на Владата, на туроператорите, со заеднички напор и поддршка и на ТАВ Македонија и двата аеродроми Скопскиот и Охридскиот, успеваме да привлекуваме туристи кои доаѓаат надвор од главната летна и зимска сезона. Во периодот меѓу февруари и мај, и периодот меѓу октомври и декември, во Македонија само оваа година ќе дојдат 35.000 туристи, рече Николоски.
Изрази очекување тој број да расте во годините што следат, и како што кажа, тоа значи 35.000 туристи коишто ќе ги полнат хотелите, кои ќе ги посетуваат убавите кафеани, ресторани, кои ќе купуваат убави сувенири од Македонија, и на тој начин ќе придонесуваат за локалната економија.
Министерот Љутков изрази надеж дека ќе бидеме бидеме добри домаќини во иднина со ваков капацитет, и угостителите ќе имаат можност да ги подбруваат своите капацитети во иднина, со што би имале и поголем број на туристи и поголем број сместувачки капацитети.
kurir.mk