Македонија останува делумно слободна земја, според новиот извештај на „Фридом хаус“ „Слободата во светот 2024“.
Според извештајот, резултатот на Македонија е намален за еден поен, односно сега изнесува 67 од вкупно 100 поени во споредба со минатата година. Земјава во категоријата политички права има 28 од 40 поени, додека во однос на граѓанските слободи има резултат од 39 од вкупно 60 поени. Едниот поен помалку е регистриран во категоријата политички права.
Со ова, Македонија останува во категоријата делумно слободни земји заедно со земјите од Европа како Албанија (68 поени), Косово (60 поени), Србија (57 поени), Црна Гора (69 поени), Босна и Херцеговина (51 поен), Унгарија (65 поени), Украина (49 поени) и Молдавија (61 поен).
Според организацијата „Фридом хаус“, слободата во светот опаднала 18-та година по ред во 2023. Тие наведуваат дека распространетите проблеми со изборните процеси, кои вклучуваат насилство и манипулации довеле до влошување на правата и слободите на луѓето.
Вооружените конфликти и заканите за авторитарна агресија, пак, посочуваат дека го направиле светот помалку безбеден и помалку демократски.
Негирањето на политичките права и граѓанските слободи на спорните територии ја повлече слободата во придружните земји, вклучително и некои демократии, според извештајот на Фридом Хаус.