Социјалната мрежа X планира промена на поставките според која корисниците ќе можат да гледаат објави од корисници кои ги блокирале, но без можност за интеракција, како лајкување, одговарање и реобјавување, соопшти платформата, јавува Анадолу.
„Наскоро ќе извршиме промена во начинот на работа на функцијата за блокирање. Ако вашите објави се јавни, профилите што сте ги блокирале ќе можат да ги прегледуваат, но нема да можат да се вклучат во интеракција (со лајкување, одговарање, реобјавување, итн.)“, објавено е денес на официјалниот профил на X.
Во соопштението се истакнува дека во моментов, системот за блокирање може да го користат корисниците на Х за споделување и криење на штетни или приватни информации за оние што претходно ги блокирале.
Со новоста, „корисниците ќе можат да видат дали се појавува такво однесување“, со што се „овозможува поголема транспарентност“, се додава.
Корисниците кои се загрижени за тоа кој би можел да ги гледа нивните објави, им е советувано целосно да ги сокријат своите профили.
– Промената ќе ги прекрши правилата, тврдат некои –
Но, некои корисници се пожалија дека промената на X може да ги прекрши условите на „App Store“ и „Google Play“.
Меѓу одредбите и условите на овие платформи е и барањето апликациите за социјални медиуми да им понудат на корисниците можност да го филтрираат евентуалното вознемирување или булинг.
Сепак, платформите сè уште не коментираа за ова прашање.
Платформата X испроба слична политика во 2013 година, кога беше Твитер, во која на блокираните корисници им беше дадена можност да гледаат и имаа можност за интеракција на објавите на другите, но тоа го повлекоа за неколку часа поради реакциите.