Хакерите почнаа да објавуваат тајни документи на албанската полиција

Хакерите од иранската група „Татковинска правда“ денеска објавија тајни податоци од системот на албанската полиција.

„По објавените досиеа од ТИМС системот и денешните од електронската пошта на доскорешниот генерален директор на полицијата, Гледис Нано веќе нема никаков сомнеж дека по кибернападите хакерите дошле до најголемите тајни податоци на полицијата“, констатира Топ чанел.

Телевизијата додава дека она што е повеќе од загрижувачко  е што тие располагаат со  повеќе од 1.400 дојдовни и 1.200 испратени е-пораки од мејлот на Нано.

„Меѓу хакираните пораки, обележани како строга тајна е онаа испратена до Амбасадата на САД за планиран терористички напад врз Албанската амбасада во Атина на 25 април минатата година. Во неа се наведени детали за планираниот напад со експлозив од четворица албански екстремисти“, наведува телевизијата.

Под строга тајна се шифрираните, а сега објавени мејлови за планирани убиства на поранешниот лидер на опозициската демократска партија Ауљзим Баша и за косовскиот премиер Албин Курти, како и двајца други косовски функционери.

Објавени се и други податоци сите шифрирани како строга тајна за следење на опасни криминалци како и пораки кои се однесуваат на прашања од безбедноста.

„Е- поштата е од 2021 и 2022 година. Објавувањето на овие тајни податоци ја преминуваат границата на заштитата на личните податоци со загрозување на националната безбедност“, заклучува Топ чанел.

фото: Архива