Хрватите ќе бираат меѓу Милановиќ и Приморац

Последната анкета објавена во четвртокот (9 јануари) предвидува победа на Зоран Милановиќ (кандидат на СДП). Според резултатите што ги објави РТЛ, него го поддржуваат 62,5 отсто од гласачите, а Драган Приморац (ХДЗ) 27,8 отсто.

Проруско и просрпско влијание на изборите?
Двонеделната изборна кампања, покрај телевизиските дебати меѓу кандидатите, беше одбележана и со дискусија за извештајот на Центарот за информациска отпорност (ЦИР) со седиште во Лондон, за кој хрватските медиуми објавија во четвртокот. ЦИР е независна организација посветена на разоткривање на заканите за демократијата и кршењето на човековите права, а е финансирана од владите на Соединетите Американски Држави, Велика Британија и Австралија, како и од американската сојузна владина агенција УСАИД.

ЦИР еден месец ги анализираше порталите и социјалните мрежи на двајцата претседателски кандидати (Фејсбук, Х, Телеграма, Редит, ТикТок) и утврди дека е забележано силно влијание на проруските бот мрежи. Во извештајот, исто така, се наведува дека во овие мрежи особено биле истакнати српските елементи кои со своите постови го напаѓале Приморац, а истовремено го промовирале Милановиќ.

Главно е утврдено дека Милановиќ бил систематски фален, а во исто време се ширеле пораки против Европската Унија и НАТО и негативни коментари за противничкиот кандидат Драган Приморац.

Сепак, по анализата на извештајот, некои медиуми, ИТ експерти и хрватската невладина организација ГОНГ изразија сомнеж во веродостојноста на резултатите и методологијата. Забелешките се дека оваа организација, како што самата наведува, ги верификувала резултатите на „хрватските истражувачи“, без да ги наведе нивните имиња. Дополнително, веќе е утврдено дека трите наводни ботови споменати во извештајот се вистински луѓе.

Така, и претседателската изборна кампања во Хрватска се најде на мета на сајбер напади од различни страни.

 

 

DW