Изјавата на црногорскиот министер за култура, Славен Радуновиќ, предизвика бурни реакции во јавноста во Црна Гора, откако го доведе во прашање останувањето на Котор под заштита на УНЕСКО.
Повеќе од 65 невладини организации побараа разрешување на министерот за просторно планирање Славен Радуновиќ поради неговата изјава дека Црна Гора треба да размисли дали има поголема штета или корист од тоа што Котор е под заштита на УНЕСКО.
На 24 јули, Радуновиќ изјави дека може да се организира референдум за граѓаните на Бока по ова прашање.
Котор, средновековен град во Бока Которска, има статус на светско наследство од 1979 година поради неговата исклучителна културна и архитектонска вредност.
Идејата за референдум беше отфрлена од властите на Котор.
„Ќе направиме што е потребно. Бисерот ќе остане бисер“, рече првиот човек на Котор, Владимир Јокиќ.
Што го мотивираше министерот да предложи референдум?
Изјавата на Радуновиќ следеше по јулскиот состанок на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО во Париз, на кој беше оценето дека имало сериозно влошување на зачувувањето на природното и културно-историското подрачје на градот.
Отворена е и можноста Котор да биде ставен на Листата на светско наследство во опасност.
На Црна Гора ѝ е наредено да воведе мораториум за понатамошни градежни проекти во заштитеното подрачје, кое вклучува делови од општините Котор, Тиват, Херцег Нови и Цетиње.
„Треба да размислиме дали е покорисно за нас да бидеме во УНЕСКО или е покорисно да можеме да градиме. Ова се огромни штети“, рече Радуновиќ.
Тој рече дека треба да се отвори јавна дебата за статусот на Котор.
„И треба да се распише референдум за граѓаните на Бока за да видат што ќе се случи следно и дали сè уште треба да бидеме во УНЕСКО.“
Статусот на светското наследство е во опасност?
Според извештајот на УНЕСКО, се нагласува дека Црна Гора не ги исполнила клучните препораки што се повторуваат со години.
Проблематични точки се недостатокот на експерти, отсуството на Студија за заштитени зони, недоследните закони и недостатокот на транспарентност во планирањето.
Затоа, УНЕСКО меѓу другото бара итно прекинување на издавањето градежни дозволи, измени на законите што се однесуваат на заштитата на културното наследство и забрана за експлоатација на природните ресурси во заштитената зона.
slobodnaevropa.mk




