Германскиот канцелар Олаф Шолц како „многу загрижувачки“ ги опиша последните извештаи и предупредувања од украинскиот претседател Володимир Зеленски дека Русија може за неколку дена да испрати во битка севернокорејски војници.
„Тоа не може да се потцени. Тоа, се разбира, е нешто што дополнително ја ескалира ситуацијата, изјави Шолц за време на неговото патување во Индија, јавува германската новинска агенција ДПА.
Според Шолц овој потег покажува дека рускиот претседател Владимир Путин е во тешка состојба.
„Тоа е исто така причина да продолжиме да се стремиме кон праведен мир и да обезбедиме цврста, сигурна поддршка за Украина, изјави германскиот канцелар.
Зеленски претходно изјави дека очекува Русија да почне со распоредување севернокорејски војници од недела или понеделник. Тој, исто така, повика на „опиплив“ меѓународен притисок врз двете земји за да ги натераат да го почитуваат законодавството на ОН.
slobodnaevropa.mk