Шпанија светски шампион во фудбал

Лионел Меси е симнат од тронот, а Шпанија по вторпат се закити со титулата светски шампион во фудбал. Иберијците во финалето во Ист Радерфорд сосема заслужено славеа со 1:0 (0:0, 0:0) по продолженија против офанзивно безопасната селекција од Јужна Америка. Со тоа пропадна сонот на Аргентина да ја одбрани титулата. Суперѕвездата Меси во финалето речиси и да немаше влијание врз играта.

По натпреварот атмосферата неколкупати стана многу емотивна. Меси пролеваше горчливи солзи на тревникот. Американскиот претседател Доналд Трамп и првиот човек на ФИФА, Џани Инфантино, беа исвиркани, додека неколку шпански фудбалери добија признанија за своите одлични настапи на проширениот турнир. Ова се најважните моменти од ноќта на Светското првенство:

Торес ја донесе титулата за Шпанија

Шпанија, благодарение на Феран Торес, го спречи новото крунисување на аргентинската суперѕвезда Меси и, како и во 2010 година, повторно стана светски шампион. Две години по триумфот на Европското првенство, Иберијците заслужено ја освоија и светската титула. Џокерот Торес погоди во 106-тата минута.

Шеесет и петгодишниот Луис де ла Фуенте го освои посакуваниот златен пехар како најстар селектор во историјата на Светските првенства. Аргентинскиот играч од средниот ред Енцо Фернандес во судиското продолжение на регуларниот дел од натпреварот беше исклучен поради прекршок, добивајќи црвен картон.

Свирежи за Трамп и Инфантино

Доналд Трамп и Џани Инфантино беа исвиркани од голем дел од публиката пред церемонијата на доделување на трофејот на новиот светски шампион Шпанија. Кога двајцата излегоа на тревникот на стадионот во Ист Радерфорд, од трибините се слушнаа гласни свирежи. Набргу потоа, во 18:43 часот по локално време, американскиот претседател и претседателот на ФИФА заедно му го врачија златниот трофеј на Светското првенство на шпанскиот репрезентативец Родри.

Потоа Трамп разговараше со неколку шпански фудбалери и не пропушти да позира и на десниот раб од победничката фотографија. Заедно со Инфантино ги поделија и медалите на шпанската и аргентинската репрезентација. Финалето беше првиот натпревар од ова Светско првенство што американскиот претседател го следеше во живо на стадион.

 

 

 

DW