Над 1.100 летови се очекува да бидат откажани или одложени бидејќи вработените во 11-те главни аеродроми во Германија денеска (1 февруари, 2024) започнаа еднодневен предупредувачки штрајк .
Вработените во аеродромските безбедносни служби ја прекинаа работата во Франкфурт, Хамбург, Бремен, Берлин, Лајпциг, Дизелдорф, Келн, Хановер, Штутгарт, Ерфурт и во Дрезден откако синдикатот Верди повика на предупредувачки штрајк за да изврши притисок во преговорите за новиот колективен договор, во кој, меѓу другото, се бара зголемување на платите за безбедносниот персонал на аеродромите.
На аеродромите Келн/Бон и Хановер во западна Германија, штрајкот започна уште во средата вечерта кога персоналот за безбедносна контрола на патниците не се појави на ноќната смена.
Портпаролот на Верди, Озај Тарим, рече дека стапката на учество на тој аеродром е 100 отсто.
„Тоа беше успешен почеток на штрајкот“, рече тој, додавајќи дека очекува повеќе од 80 отсто од летовите – вклучително и пристигнувањата и полетувањата – да бидат откажани во текот на денот.
Кои германски аеродроми се погодени од штрајкот?
Сите полетувања беа откажани на аеродромите во Берлин, Хамбург и во Штутгарт.
Во исто време, аеродромот во Дизелдорф откажа само една третина од своите летови. Тарим вели дека тамошната компанија за обезбедување им понудила на вработените „бонус за прекршувење на штрајкот“ од 200 евра за да дојдат на работа.
Најголемиот германски аеродром, во Франкфурт, исто така, се очекува денеска да има големи прекини во воздушниот сообраќај.
„Штрајкот ќе предизвика големи прекини и откажувања на летови во текот на денот“, објави аеродромскиот оператор Фрапорт на својата веб-страница. „Конкретно, безбедносните контролни пунктови надвор од транзитната зона ќе останат затворени.“
Предложено е патниците кои заминуваат од Франкфурт да го избегнуваат аеродромот во четврток и да ги контактираат нивните авио-оператори. Транзитните патници, исто така, беа предупредени дека може да се соочат со „големи прекини и доцнења“ поради штрајкот.
DW