Ѓукановиќ одби да го потпише законот за пренесување на неговите овластувања на Собранието

Претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, го врати Законот за претседателот во Собранието на повторно разгледување, оценувајќи дека таквиот чин ќе предизвика забуна во уставните надлежности на најважните државни органи, ќе го уништи принципот на поделба на власта и ќе го урне државно-правниот поредок.

На 2 ноември спорните измени на Законот за претседател беа усвоени од парламентарното мнозинство предводено од прорускиот Демократски фронт, Демократите и Граѓанското движење Ура на актуелниот премиер Дритан Абазовиќ.

За да стапи во сила Законот, по неговото усвојување во Собранието, потребно е претседателот на државата да се изјасни со свој потпис.

Измените на Законот предвидуваа парламентарното мнозинство да ги преземе уставните надлежности на претседателот на Црна Гора во делот на номинирање на мандатари за состав на новата Влада.

Мнозинството во Собранието со измена на Законот се обиде да го натера Ѓукановиќ уште еднаш да го предложи претставникот за состав на новата Влада, пратеникот Миодраг Лекиќ.

Законот предвидуваше, доколку Ѓукановиќ не го стори тоа, процедурата за предлагање претставник да ја преземе парламентарното мнозинство.

 

Радио Слободна Европа