Во повеќето случаи играчките се предмети кои главно се поврзуваат со периодот на детството, но не и во случајот со 31-годишниот Месут Булут од Истанбул.
Булут како дете почувствувал посебна поврзаност со играчките и тогаш решил да ги собира. Страста кон играчките денес резултирала со богата колекција од околу 5.000 различни играчки. Кога веќе не ги собирало во кутиите и плакарите, Булут решил да посвети една цела соба на своите играчки, објави Аленција Анадолија (АА) .
Автомобили, различни фигури, се само дел од примероците во богатата колекција на Булут. Сите се квалитетни и добро сочувани и ги одразуваат стиловите од различни периоди. Булут води листа на играчките и напамет знае која на која полица се наоѓа.
Булут беше домаќин на екипата на АА во неговиот дом во Газиосманпаша во Истанбул. Без оглед колку време поминува во својата соба, Булут вели дека никогаш не му е здодевно.
„Тоа е една посебна врска уште од мали нозе. Каде и да погледнам, сакам да ги гледам моите играчки. Кога бев помал, си играв и ги собирав. Кога пораснав, видов дека не можам да се откажам од тоа и почнав уште поинтензивно да ги собирам. Иако на почетокот немав изложбен простор, ги чував во фиоки, потоа таа љубов прерасна во она што го имам денес“, вели Булут.
Нагласи и дека колекционерството е прашање на трпение.
„Има замени, има подарувања. Исто така посетувам и пазари за стари работи, но создавањето колекција е нешто што бара дополнително време и трпение. Има десет серии, на пример, а вие имате девет од нив. Имаше моменти кога со месеци барав одредена серија“, изјави Булут.
Објаснувајќи дека сè уште има играчки кои не може да ги стави на полиците бидејќи нема доволно место, Булут рече:
„Кога во иднина ќе се преселам во поголема куќа, можеби ќе издвојам две соби за колекцијата. Кога бев мал, многу си играв со моите играчки, не ги кршев, добро ги чував. Повеќе од 100 играчки овде се од моето детство. До денес се добро сочувани. Играчките варираат по квалитет, но старите играчки секогаш се подобри во однос на материјалот и содржината. Постои голема разлика помеѓу сегашната фигура на нинџа желка и старите фигури.“
Текстот во целост на: Аленција Анадолија (АА)
фото: Аленција Анадолија (АА)