Не може да има целосна блокада на Собранието. ВМРО-ДПМНЕ може да ги блокира само Комисиите што ги води, а Собранието ќе продолжи непречено да работи по однос на оние точки за коишто има предуслови, според Деловникот, да се работи, вели претседателот на Собранието Талат Џафери во интервју за РСЕ.
РСЕ:Првата седница ја закажавте дури за 14 септември. Над дваесет закони во моментов се блокирани. Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ не се појави на редовната координација. Од мај опозицијата активно ја бојкотира работата на Собранието. Ќе профункционира ли законодавниот дом?
Талат Џафери: Јас мислам дека Собранието функционира и ќе функционира. Во секој случај по одлуката за блокирање тоа си е право на опозицијата, како инструмент да го искористи во Собранието, тоа е во доменот на дискусиите што се одвиваат и во работните тела и на Пленарната седница.
РСЕ:Но ќе се донесат ли овие потребни закони во услови кога лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски се закани и со целосен бојкот на Собранието, ако не се исполни барањето за предвремени избори?
Талат Џафери:Не може да има целосна блокада на Собранието, затоа што може да не ги разгледаат точките што се на комисиите што тие ги водат, но другите комисии кои ќе ги разгледаат точките секако има услови да се разгледаат на пленарни седници, а пленарната седница според Деловникот е планирана и има тајминг на почеток и крај на дискусијата, така што Собранието ќе продолжи непречено да работи и по однос на оние точки за коишто има предуслови, според Деловникот, да се работи.
Интервјуто во целост на: РСЕ.