Брисел разгледува замрзнати руски средства за финансирање на Украина

Со оглед на тоа што Соединетите Држави укажуваат дека можеби нема да бидат подготвени да ги финансираат одбранбените потреби на Украина уште долго, Европската Унија разгледува различни начини за покривање на поголем дел од сметката во 2026 и 2027 година, претпоставувајќи – како што мислат повеќето луѓе во Брисел – дека војната ќе продолжи.

Најочигледната индикација за ова дојде за време на годишното политичко обраќање на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, пред Европскиот парламент претходно во септември, во кое таа ја изнесе идејата за „заем за репарација“.

Повеќе информации за тоа како би функционирал овој заем се појавија во една страна документ за дискусија што комисијата им го достави на земјите-членки на ЕУ. Радио Слободна Европа имаше увид во овој документ на 26 септември.

Фон дер Лајен треба да го презентира документот пред лидерите на ЕУ на состанокот на неформалниот самит во Копенхаген на 1 октомври на кои ќе разговараат за Украина, и на кој веројатно ќе присуствува украинскиот претседател Володимир Зеленски. Се очекува и министрите за финансии на блокот да разгледаат повеќе детали кога ќе се состанат во Луксембург следната недела.

Иако сè уште не се разработени сите механизми за заем, неколку од контурите се јасни.

Секој заем за Украина би се базирал назамрзнати руски средства во ЕУ кои се блокирани откако Москва ја започна својата целосна инвазија пред повеќе од три години. Заемот би се обезбедил без всушност да се допре до самите пари, а Украина би морала да ги врати парите дури откако Русија ќе плати за воената штета.

Заемот за репарации, доколку биде одобрен, би можел да реши голем број проблеми.Најважно од сè, тој би ѝ дал на Украина инјекција со пари што ѝ е се потребни, а воедно би ги елиминирал сите потенцијални вета од страна на непослушните земји-членки на ЕУ, како што се Унгарија и Словачка.

Исто така, тоа би го решило прашањето што да се прави со руските средства во блокот и би го намалило притисокот врз буџетот на ЕУ.

 

 

slobodnaevropa.mk