Еколошки аларм од ЕУ – загрижувачки податоци за животната средина

Драматично влошување на еколошките услови со сериозни последици за населението во Северна Македонија, покажува извештајот на Европската агенција за заштита на животната средина. Енергетската сиромаштија погодува 23,85% од домаќинствата, што е значително над просекот на земјите- членки на ЕУ од 7,5%.

Екстремно загаден воздух, изразена енергетска сиромаштија, неефикасно управување со отпад и бавен напредок во енергетска транзиција нотира европскиот извештај за животната средина за 2025 година за Северна Македонија објавен од Европската агенција за заштита на животната средина.

Како што се наведува, овој извештај претставува најсеопфатната анализа на моменталната состојба и перспективите во областа на животната средина, климата и одржливоста, врз основа на податоци од 38 земји во Европа, меѓу кои и Северна Македонија.

Проценка за секоја од трите димензии – животна средина и клима, социо-економски промени и системски промени во енергијата, мобилноста и храната е подготвена од македонски експерти од Европската мрежа за информации и набљудување на животната средина, врз основа на 20 утврдени индикатори од Европската агенција за заштита на животната средина (ЕЕА) или Евростат. Анализираниот период е 17 години – од 2007 до 2023 година.

„Отровен“ воздух, несоодветни депонии

Околу 3.800 животи се губат годишно поради изложеноста на лош квалитет на воздухот и ова претставува 17,7% од вкупната смртност на населението, што ја прави Северна Македонија меѓу најзагадените земји во Европа. Економските загуби од овие ефекти изнесуваат меѓу 5,2% и 8,5% од бруто националниот производ според процените на Светската банка. Ова значи дека загадувањето на воздухот чини над половина милијарда долари годишно, пишува во делот на животна средина и клима.

 

 

 

slobodnaevropa.mk