Бугарската опозиција подготвува гласање недоверба на Владата по објавувањето датум за прием во еврозоната

Николај Денков, поранешен премиер и копретседавач на парламентарната група „Продолжуваме со промените – Демократска Бугарија“, изјави дека опозицијата ќе поднесе предлог за изгласување недоверба на владата откако ќе биде утврден датумот за прием на Бугарија во еврозоната.

Според него, овој датум се очекува да биде објавен кон крајот на јуни или почетокот на јули 2025 година, при што тој се надева дека Бугарија ќе стане дел од еврозоната од 1 јануари 2026 година. Денков нагласи дека целта е да не се попречи процесот на влез во еврозоната.

Тој оцени дека Владата не се справува со неколку клучни проблеми, вклучително недостигот од медицински работници и сериозни прашања во Министерството за внатрешни работи, како прикривање на криминал и корупција, пренесува БТА.

Опозицијата планира да бара поддршка од сите политички сили кои се против корупцијата за поднесување на гласањето недоверба. Денков додаде дека дискусиите со коалициските партнери од „Демократска Бугарија“ продолжуваат, иако постојат одредени разлики во ставовите.

 

 

slobodnaevropa.mk