ВМРО-ДПМНЕ ја усвои стратегијата Македонија 2030 со шест столбови за стабилност, економски развој и европска интеграција

По конгресот во Кавадарци, на кој Христијан Мицкоски беше реизбран за лидер на ВМРО-ДПМНЕ, партијата ја претстави стратегијата „Ново поглавје – Македонија 2030“. Документот најавува визија за модерна, стабилна и европски ориентирана држава со јасно дефиниран политички и развоен правец за следната деценија.

Мицкоски реизбран за лидер на ВМРО-ДПМНЕ
На 18. партиски конгрес, одржан на 6 декември во Кавадарци, Мицкоски доби трет мандат од делегатите,што според статутот ќе биде негов последен. Од 817 присутни делегати, 804 гласале за негов реизбор.

Мицкоски најави структурни промени во партијата во следните шест месеци, со цел создавање систем што ќе трае.

Конгресот се одржа под мотото „Визија што гради држава – За генерацијата што доаѓа 2030“ и усвои два клучни документа: Стратегијата 2025–2030 и Доктрина.

Шесте столбови на стратегијата Македонија 2030
Стратегијата се заснова на долгорочен план за стабилност и развој, со шест клучни стожери:

Државна безбедност: модерна армија, современа полиција, национална сајбер-заштита и систем за справување со хибридни закани.
Економска конкурентност: напуштање на моделот на евтина работна сила, развој на економија заснована на знаење, технолошки иновации и зелена транзиција.
Правна држава: независно судство, департизирано обвинителство, дигитална контрола за борба против корупција.
Демографски политики: поддршка за младите, станбени програми, политики за поврат на дијаспората и грижа за постарите лица.
Европска интеграција и надворешна политика: партнерства со јасни црвени линии, без условувања што го допираат идентитетот.
Образование, култура и идентитет: модерни програми, дигитализација, поддршка за науката и заштита на македонскиот јазик.
Стратегијата вклучува теми како вештачка интелигенција, сајбер-безбедност и геоекономска дипломатија. Предвидено е основање на „Фонд за иднината“ за поддршка на технологии, иновации и истражувања.

Клучни пораки
Антонијо Милошоски истакна дека стратегијата не е список на предизборни желби, туку документ со јасни цели за национална траекторија во следните 10–15 години. „Ова е повик за ново поглавје на стабилност и развој. Македонија може и мора многу повеќе“, порача тој.

Според партијата, нивната визија за Македонија 2030 година е јасна. „Тоа е држава која што има брза и растечка економија, држава со институции кои што имаат интегритет, има функционална демократија, држава со европски идентитет и национална самобитност како дел од европскиот мозаик и држава што инвестира во знаење, во култура и во генерациите што доаѓаат“, вели Милошоски.

 

 

 

DW