Германските портали се преплавени со информации за екстремна зима, со улици затрупани од снег кои се очекуваат и екстремни временски услови што ѝ се закануваат на земјата.
Шокантни временски извештаи – за повеќе кликови
Речиси секоја сезона се појавуваат вакви извештаи кои за Германија предвидуваат долготрајни екстремни временски прилики. Во април тоа беше „пеколно лето 2025“, а сега е збор за „екстремна зима“, која наводно треба да ја погоди Германија во 2025/26 година. Но, дали времето воопшто може толку однапред да се предвиди? Од каде потекнуваат шпекулациите за „зимата на векот 2025/26“ и која е нивната цел?
Она што привлекува внимание или шокира – се клика. Тоа важи и за временските прогнози. Приватните метеоролошки служби, но и новинарите, одамна го знаат тоа и ги користат метеоролошките модели за да извлечат бомбастични наслови како „пеколно лето“ или „зима на векот“. Кликовите, на крајот на краиштата, значат пари.
Кај т.н. кликбејтинг, како што вели Лотар Бок од Регионалната канцеларија за клима во Минхен (DWD), „понекогаш се занемарува должноста за внимателно постапување со информациите“. „Ние, како државна институција, секако не би направиле нешто такво“, додава тој.
Слаб поларен вртлог ги поттикна шпекулациите
Повод за шпекулациите за екстремната зима беше пред сè еден интернет- напис кој го поврзува послабиот поларен вртлог над Северниот Пол со можни арктички студови во Германија. Наводно постојат прогнози кои укажуваат дека овој поларен вртлог во текот на наредната зима би можел да биде релативно слаб, потврдува метеорологот Бок.
Слаб поларен вртлог (широка циркулација на воздухот што доминира во зимските месеци на северната и јужната хемисфера), за разлика од силен, не може да го задржи студениот воздух во поларните региони. Кога тие ледени маси „се излеваат“, можат да допрат и до нашите географски широчини и да влијаат на времето во Европа. Тоа може да се случи – но не мора.
Дали воопшто постои врска меѓу слабите поларни вртлози и студеното време во Германија, сè уште не е докажано, вели Мартин Гуд од центарот за временска експертиза на АРД. Во изминатите години ништо слично не е забележано: „Бидејќи слаб поларен вртлог всушност значи дека Арктикот повеќе не е толку студен како порано“, објаснува метеорологот.
Прогнозата за зимата 2025/26 е моментално невозможна
Според експертите, предвидливоста на времето зависи од бројни фактори – не само од поларниот вртлог. Улога имаат и температурите на океаните, морските струи и општите атмосферски услови. На прашањето дали навистина ќе имаме „зима на векот“ во сезоната 2025/26, метеорологот Карстен Шванке одговара: „Не знаеме.“
И за Лотар Бок од DWD во Минхен тоа е „чиста шпекулација“ – во октомври да се зборува за екстремно студена зима или дури за „зима на векот“.
„Што се однесува до сериозни прогнози за зимата, можеби – но навистина само можеби – на почетокот на годината можеме да ги погледнеме шемите на воздушните струења: какво било времето досега, и какво би можело да биде“, вели Мартин Гуд од АРД. Врз основа на тоа може евентуално да се дадат груби проценки за тоа како приближно ќе се одвива остатокот од зимата.
Временската прогноза е сигурна најмногу десет дена однапред
Иако многумина би сакале што порано да дознаат сигурна долгорочна временска прогноза, можностите се многу ограничени. Според метеорологот Лотар Бок, наредните три дена можат „релативно добро да се предвидат“. Кај стабилни временски ситуации, како што е долготраен висок притисок, „прогнозата може да биде донекаде точна и до десет дена“.
Според него, очекувањата од временските извештаи се „преголеми“, меѓу другото и затоа што апликациите за време често изгледаат посигурни отколку што навистина се: „Мислиме дека можеме да го предвидиме времето 10, 20 или 50 дена однапред, но тоа едноставно не е можно“.
Точноста на прогнозите денес е поголема отколку пред 40 или 50 години, но „за подолги временски периоди сè уште имаме големи потешкотии да предвидиме какво ќе биде времето“, додава експертот.
Веројатноста за „зима на векот“ – мала
„Зима на векот“ е, статистички гледано, онаа што се случува еднаш во 100 години. Таква, на пример, била зимата 1962/63, која се смета за најстудената зима на 20 век во Германија. Последиците тогаш биле сериозни: проблеми со снабдувањето со електрична енергија и греење, големи оштетувања на инфраструктурата и бројни човечки жртви. Многу реки, па дури и Боденското Езеро, тогаш биле целосно замрзнати.
Дали слична зима нè очекува во 2025/26 – моментално не може сериозно да се предвиди. Експертите проценуваат дека веројатноста за такво сценарио е многу мала.
DW




