Американската војска повторно воведе поморска блокада кон иранските пристаништа и крајбрежни области, додека четврта ноќ по ред изведува воздушни напади врз цели во Иран. Истовремено, американскиот претседател Доналд Трамп продолжи со острите закани кон Техеран, најавувајќи можни напади врз цивилната инфраструктура во земјата.
Централната команда на САД за Блискиот Исток соопшти дека спровела повеќе бранови напади, при што биле погодени десетици воени цели на територијата на Иран.
Според соопштението на Централната команда на САД за Блискиот Исток, една од главните цели на операцијата била дополнително ослабување на иранските капацитети што се користат за напади врз трговски бродови во Ормускиот Теснец. Американските власти го обвинуваат Иран за смртта и повредувањето на цивили во нападите врз комерцијални бродови во овој стратешки поморски коридор.
Трамп се закани со напади врз цивилната инфраструктура
Во интервју за американската телевизија „Фокс њуз“, Трамп повторно му се закани на Иран со можни напади врз цивилната инфраструктура на земјата.
„Следната недела ќе бидат уништени сите електрани и мостови, освен ако не дојдат на преговарачка маса и не почнат преговори“, изјави Трамп.
Републиканецот најави и продолжување на интензивните воени операции во следните ноќи, нагласувајќи дека нападите ќе продолжат сè додека тој не оцени дека е постигната целта.
Ова не е првпат Трамп да испраќа вакви пораки кон Техеран. Тој уште во април му се закани на Иран дека сите мостови и електрани може да бидат уништени во рок од неколку часа, но тогаш заканата не беше реализирана. И тогаш целта беше да се изврши притисок врз иранското раководство за да се врати на преговарачката маса.
Најавите за можни напади врз цивилна инфраструктура тогаш предизвикаа остри критики од меѓународната заедница, вклучително и од Обединетите нации.
Иран се закани со прекин на енергетскиот извоз
На заканите од Вашингтон одговорија и припадниците на Иранската револуционерна гарда, кои најавија можност за блокирање на целиот извоз на енергенси од регионот.
Во меѓувреме, Иран повторно изврши напади врз земји од Заливот, меѓу кои Кувајт, Бахреин и Обединетите Арапски Емирати.
Кувајтската армија соопшти дека во еден од последните напади врз нивен воен брод биле повредени четворица војници.
DW




