Државниот завод за ревизија при ревизија во Министерството за односи меѓу заедниците за 2024 година констатирал кусоци на материјални средства, вклучувајќи 30 преносни компјутери, исплата на 61 процент на име плата на вработените без да се обезбедат податоци за нивното присуство на работа и точење нафтени деривати во возила за кои не може да се потврди дека се во сопственост на Министерството.
Како што соопшти ДЗР, евидентирани се неправилности во однос на објективноста на финансиските извештаи и усогласеноста со законската регулатива, упатства и воспоставените политики. Со извршената ревизија, утврдиле состојби кои укажуваат на слабости при начинот на евидентирање и користењето на средствата со кои располага Министерството за односи меѓу заедниците.
„Ревизорите утврдија нецелосно спроведен попис на средствата и обврските со состојба на 31.12.2024 година, при што 28 проценти од вкупните основни средства со сегашна вредност од 1.565 илјади денари, односно 25.360 евра, не се пронајдени при вршењето на годишниот попис на основни средства, а како резултат на невоспоставена пракса на издавање реверси за задолжување на вработените со опремата која им е доделена на користење, исто така 30 преносни компјутери не се пронајдени со пописот“, се вели во извештајот од Заводот за ревизија.
Со извршена ревизија на документацијата за реализација на Програмата за финансирање на активностите на здруженијата и фондациите за 2023 година, утврдена е состојба според која на 33 здруженија и фондации им се исплатени средства во износ од 19.800.000 денари, односно 320.900 евра.
Ревизорите наведуваат дека Програмата е донесена со задоцнување во октомври 2023 година, кога е објавен и јавниот повик за финансиска поддршка на здруженијата и фондациите, а не во рок од 30 дена по донесување на Буџетот како што е уредено со Кодексот на добри практики за финансиска поддршка на здруженијата на граѓани и фондации.
slobodnaevropa.mk




