Европската централна банка подготвува дигитално евро за да ја намали зависноста од Виза, Мастеркард и Епл пеј

Дигитални, или криптовалути, требаше да направат револуција во начинот на кој плаќаме за стоки и услуги. Но, и во 2026 година, кога ќе влезете во продавница или ќе купите нешто преку интернет, сепак и натаму посегнувате по готовина или картичка.

Комплексноста на биткоинот го спречи да стане секојдневна пара. Европската централна банка (ЕЦБ) сега објавува планови за стабилна дигитална валута. За потрошувачите, дигиталното евро би било едноставен начин за безбедно плаќање во продавници, преку интернет или од човек на човек и би уживало директна поддршка од Европската централна банка. Притоа, притисокот за дигитално евро не е само поради дигитална надградба, туку сè повеќе станува геополитичка неопходност.

Суверенитет на валутата во променлив свет
Во свет во кој Вашингтон одеднаш може да ги смени трговските правила на игра, да воведе царини преку ноќ или да ги заостри контролите за извоз преку вештачка интелигенција, креаторите на политиките на ЕУ сметаат дека суверенитетот на валутата е нужно осигурување од идни брзи потези на администрацијата на Трамп.

Европа во голема мера зависи од платежните системи во САД, како Виза и Мастеркард, додека дигиталните паричници и апликации, вклучително и Гугл или Епл пеј и ПејПал се уште едно ниво на зависност. „Ако глобално сите тие трансакции станат деноминирани во долари без дигитално евро, тоа би ја ограничило ефикасноста на монетарната политика на ЕЦБ врз традиционалното евро“, вели за ДВ Бас ван Донселар, менаџер во Пејмент Џинс Консалтинг.

Трговијата и плаќањата сѐ повеќе се одвиваат преку интернет и во странски дигитални валути, па дигиталното евро ќе ѝ помогне на ЕЦБ и подобро да управува со понудата на пари, да одговара на економските кризи и да ја заштити валутата од екстерни шокови.

Другите големи економии се движат побрзо, вклучително и дигиталниот јуан на Кина. Откако пилот проектот беше лансиран во 2020 година, креирани се повеќе од 230 милиони лични и околу 18,8 милиони корпоративни паричници со дигитален јуан.

До крајот на ноември минатата година, кинеската дигитална валута процесирала повеќе од 3,48 милијарди кумулативни малопродажни трансакции во вредност од околу 16,7 трилијарди јуани (2,4 трилиони долари, 2,1 трилиони евра), покажуваат податоци на новинската агенција Ксинхуа. Пекинг сега ја унапредува и прекуграничната употреба и дозволува дури и камата за заштеди во дигитални јуани.

 

DW