Денеска (3 јули) во касарната „Илинден“ во Скопје, во присуство на претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, министерот за одбрана Владо Мисајловски, началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски и амбасадорот на Европската Унија, Михалис Рокас, беше реализирана методско показна вежба и беше извршен приказ на тактичко-техничките средства и опрема, набавени преку Европскиот мировен фонд.
На настанот премиерот Мицкоски порача дека приоритет на Владата е да продолжи да инвестира во македонска Армија, со цел таа да остане конкурентна. Тој се заблагодари на Европската Унија затоа што во македонската Армија препозна квалитет, како и на амбасадорот Рокас, за неговата лична посветеност во реализација на процесите за набавка и испорака на опремата.
„Ми останува само да се заблагодарам на амбасадорот за неговата лична посветеност, на Европската унија, што еве донира и препознава во македонската Армија квалитет, посветеност како армија којашто е составен дел на НАТО алијансата. Исто така би сакал да се заблагодарам на мојот колега од Владата, министерот за одбрана, на заменикот, на луѓето од Министерството за посветената работа. Се разбира сакам да ја искористам оваа прилика да ја истакнам работата на началникот на Генералштабот и да се заблагодарам на неговата неуморна работа и посветеност за да може нашата Армија да изгледа вака како што изгледа, да биде конкурентна, да биде подготвена“, рече Мицкоски и истовремено се заблагодари на сите припадници на македонската Армија.
Министерот Мисајловски ја истакна исклучителната соработка со Европската Унија и Делегацијата на ЕУ во нашава земја кои придонесоа оваа набавка да стане реалност за македонската Армија, што е од особена важност за јакнење на одбранбените капацитети.
„Зад мене може да го видите првиот пакет на опрема што стигна [за што] работиме постојано. Се надевам дека во наредниот период ќе најавиме дополнителни пакети каде што ќе опфатат дополнителна опрема“, рече министерот.
Министерот појасни дека станува збор за целосен грант – директни средства од Европската Унија и додаде дека тоа е резултат на нашата Заедничка европска безбедносна политика, нашиот однос, учеството во операциите на ЕУ и постојаната комуникација.
Амбасадорот на Европската Унија во државава, Михалис Рокас истакна дека безбедноста е суштински дел од европското партнерство, особено имајќи предвид дека во 2024 година потпишавме партнерство за безбедност и одбрана. „Ги гледаме резултатите и гледаме како ова партнерство не само што со себе носи нова опрема, туку вклучува и обука. Гледаме извонредни симулирани вежби од страна на силите“, подвлече тој.
Со поддршка на Европскиот мировен фонд набавена е опрема во вредност од над 40 милиони евра, сегментирана во три пакети од кои опремата од првиот пакет и дел од опремата од вториот пакет се пристигнати во земјава. Станува збор за опрема од различен вид – радари, термални камери, транспортни возила, симулатори, 3Д радар и преносни сензори, додека во рамките на третиот пакет ќе пристигне опрема за логистика и комуникациски и пешадиски единици.




