Електронскиот индекс ќе стигне побрзо од топла вода во студентските домови

Студентите добија функционални лифтови и топла вода во студентските домови откако јавно побараа. Сепак, тие се скептични дека проблемите кои се провлекуваат со години, ќе се решат во претстојната академска година. Власта најавува дигитализација на студентските програми, а во домовите едвај има интернет.

Вештачка интелигенција, електронски индекс, дигитален потпис, се новините што образовните власти најавија дека ќе ги воведат. Очекуваат да ги користат сите студенти, па и они во студентските домови. А таму, уште кубурат со топла вода и лифтови што не работат, а интернет или воопшто нема , или и тој што го има е премногу слаб.

Откако јавно испратија барања за сервисирање на лифтовите и за топла вода, студентите од домовите „Гоце Делчев“ и „Пелагонија“ во Скопје сега го добија тоа на што студенти во други земји ниту помислуваат дека може да недостасува, но стравуваат дека нема да е уште за долго. Велат топла вода треба да има во секој ден од годината и проблемите да се решат на долг рок.

„Доаѓаш од факултет и не можеш да се избањаш. Се случува да немаме вода по една, две, па дури и по три недели. Но и тогаш кога има, во одредени соби може воопшто да нема притисок. Се снаоѓаме на секакви начини, па ја грееме водата и на решо. Според нас, тоа е голем проблем“, вели за Радио Слободна Европа, младиот Јане Кицев од Неготино.

 

 

 

slobodnaevropa.mk