Пари од Агенцијата за вработување за спас на ПИОМ

Пари за Агенцијата за вработување (АВРМ) ќе се пренасочуваат кон Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ), согласно предложените законски измени за придонеси од задолжително социјално осигурување. Измените се доставени во Собранието на 24 јуни од шест пратеници од владејачкото мнозинство и се предвидува да бидат донесени по скратена постапка.

Се менуваат придонесите: повеќе пари за ПИОМ
Според важечките законски решенија, стапката за пензиско и инвалидско осигурување изнесува 18,8%, а придонесот за осигурување во случај на невработеност изнесува 1,2%

Со новите законски измени се предвидува зголемување на стапката за ПИОМ и намалување на придонесот за невработеност. Во предлогот се наведува дека целта е времено ревидирање на стапките поради потребата од стабилизација на пензискиот фонд.

„Потребно е времено да се ревидира висината на стапките, во услови кога Агенцијата за вработување располага со вишок средства“, се наведува во образложението.

И покрај прераспределбата, вкупната стапка на придонеси останува 28%, што значи дека нема дополнително оптоварување за компаниите.

Реструктуирање на системот без нов товар за фирмите
Со предложените измени се врши внатрешно пренасочување на средствата во рамки на системот на социјално осигурување, без зголемување на вкупните придонеси.

Тоа значи дека работодавачите ќе продолжат да плаќаат ист вкупен износ, а се менува само распределбата на средствата. Целта е да се обезбеди поголема ликвидност на ПИОМ на краток рок.

Предложените измени доаѓаат по ревизорски извештај за работењето на ПИОМ, кој укажува на значителни финансиски предизвици. Иако во 2024 година приходите од придонеси пораснале за 14%, тие и натаму не се доволни за исплата на пензиите. Разликата се покрива со трансфери од државниот буџет.

Ревизијата дополнително констатира доцнење до 8 месеци во исплатата на придонеси за здравствено осигурување, долг од околу 136 милиони евра и над 42 милиони евра нераспределени средства кон приватните пензиски фондови. Ова негативно влијае на ликвидноста и довербата во системот.

Проблеми и во вториот пензиски столб
Ревизорите укажуваат и на слабости во управувањето со средствата за осигурениците во вториот столб. Иако пресметките се прават навремено, трансферите до приватните пензиски фондови доцнат, во просек за околу два месеца.

Заклучно со февруари 2026 година, утврден е долг од над 42 милиони евра по оваа основа.

Премиерот Христијан Мицкоски деновиве изјави дека вториот пензиски столб, иако воведен со добри намери, не е сигурно дека ќе ги даде очекуваните резултати. Според него, постои ризик дел од граѓаните да не бидат задоволни од акумулираните средства.

И гувернерот Трајко Славески потсетува на неговите претходни укажувања дека 70–80% од осигурениците би можеле да се префрлат назад во ПИОМ. Причината е недоволната заштеда во вториот столб, поради што постои ризик пензиите да не достигнат ни минимален износ.

 

 

 

DW