Европратениците од Комисијата за надворешни работи (АФЕТ) предупредуваат дека напредокот на Македонија кон Европската Унија (ЕУ) останува недоволен, особено во владеењето на правото, судските реформи и борбата против корупцијата.
Во најновиот извештај усвоен во средата (3 јуни), европратениците ја потврдуваат својата поддршка за членството на Македонија во ЕУ, но нагласуваат дека напредокот во пристапните преговори директно зависи од суштински и длабински реформи.
Тие изразуваат жалење за ограничениот напредок од претходниот извештај и повикуваат на обновена политичка волја и засилена меѓупартиска соработка, особено за усвојување на уставните измени кои се предуслов за отворање на првиот преговарачки кластер.
Политичка поларизација го кочи напредокот
Иако демократските институции функционираат, политичката поларизација продолжува да ги одложува клучните реформи и институционалните именувања.
Во извештајот, АФЕТ ги повикува политичките партии да се откажат од острата реторика и да покажат конструктивност во насока на европската интеграција. Дополнително, се нагласува дека сеопфатната изборна реформа значително доцни.
Владеење на правото, корупција и странско мешање
Европратениците изразуваат загриженост поради слабиот напредок во независноста на судството и борбата против корупцијата. Според извештајот, корупцијата останува широко распространета, а постои и значителен јаз меѓу покренатите истраги и конечните судски пресуди, особено за случаи на корупција на високо ниво.
Тие предупредуваат дека економскиот напредок зависи од зајакнување на владеењето на правото и правната сигурност.
Воедно, се нотираат и обиди за странско мешање, преку дезинформации и манипулација со јавноста, со цел поткопување на довербата во институциите и европската перспектива на Македонија.
Сепак, позитивно е оценета усогласеноста на Македонија со надворешната и безбедносната политика на ЕУ.
Вајц: Иднината на Македонија е во ЕУ
Известувачот на Европскиот парламент за Македонија, европратеникот Томас Вајц истакна дека извештајот доаѓа во клучен момент за проширувањето на Унијата.
„Драго ми е што Комитетот АФЕТ го усвои извештајот за Македонија. Владата треба да го задржи реформскиот курс и да продолжи со напорите за интеграција. Иднината на Македонија е во Европската Унија“, изјави Вајц.
Извештајот беше усвоен со 43 гласа „за“, 17 „против“ и 13 „воздржани“. Следниот чекор е гласање на пленарна седница на Европскиот парламент.
Овој извештај доаѓа по посетата на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, кој на 2 јуни порача дека напредокот на Македонија кон ЕУ зависи од исполнувањето на договорените обврски. По средбата со премиерот, Кошта нагласи дека уставните измени, односно вклучувањето на Бугарите во Уставот, се клучен услов за напредок во европските интеграции.
DW




