По долг период на неизвесност, Европската унија најави дека наскоро може да започнат пристапните преговори со Украина и Молдавија.
По двегодишна стагнација, двете земји конечно се приближуваат до формалниот почеток на разговорите за членство во ЕУ. Актуелното кипарско претседателство со Советот на ЕУ соопшти дека веќе се започнати подготовките за отворање на првиот преговарачки кластер.
Според најавите, доколку процесот се одвива без дополнителни пречки, преговорите би можеле да започнат веќе на 15 јуни, на маргините на состанокот на министрите на ЕУ во Луксембург.
Унгарија ја тргна блокадата по договор со Украина
Клучен момент за деблокада на процесот беше одлуката на новиот унгарски премиер Петер Маѓар, кој објави дека е постигнат договор со Украина за зајакнување на правата на етничките Унгарци во оваа земја.
Маѓар претходно јасно нагласи дека токму ваков договор е услов Унгарија да даде согласност за почеток на пристапните преговори со Киев. Со постигнувањето на оваа спогодба, Будимпешта ја повлече својата блокада.
Долготраен и неизвесен процес
И покрај отворањето на патот за почеток на разговорите, процесот за влез во ЕУ останува сложен и долг.
Во првата фаза од преговорите, Украина и Молдавија ќе мора да докажат дека нивните правосудни системи и јавната администрација се усогласени со европските стандарди.
Преговарачката рамка е поделена на шест тематски целини, од кои секоја содржи повеќе поглавја. Напредокот во секоја област се оценува одделно, а отворањето и затворањето на поглавјата зависи од исполнувањето на конкретни критериуми.
Иако почетокот на преговорите претставува значителен чекор, процесот може да трае со години и не е гарантирано дека ќе заврши со успешно членство во Европската унија.
DW




