Европската комисија денес објави истрага против платформите за возрасни Pornhub, Stripchat, XNXX и XVideos поради сомневања дека не го усогласиле своето работење со правилата за заштита на децата. Тие би можеле да се соочат со казни до 6 проценти од глобалните годишни приходи, објави Ројтерс.
Комисијата соопшти дека дотичните сајтови не ги исполниле своите обврски според Законот за дигитални услуги (DSA), кој бара од платформите со многу голем број корисници, статус што го добија во 2023 година, да преземат построги мерки за да спречат ширење на нелегална и штетна содржина.
Во соопштението, исто така, се наведува дека тие ги прекршиле одредбите што ги обврзуваат компаниите да ги проценат и ублажат ризиците за правата на децата, вклучително и спречување на нивниот пристап до содржина за возрасни со користење на соодветни алатки за верификација на возраста.
„Наш приоритет е заштитата на малолетниците“
„Онлајн просторот мора да биде безбедна средина каде што децата можат да учат и да се поврзуваат со други. Наш приоритет е да ги заштитиме малолетниците и да им овозможиме безбедно да го користат интернетот“, изјави комесарката на ЕУ за дигитални прашања, Хена Виркунен.
Сопственикот на Pornhub, кипарската компанија Aylo Freesites Ltd, објави дека нивните страници се во согласност со стандардот RTA (ограничено на возрасни), оценет од Здружението на страници што се залагаат за заштита на децата (ASACP), и се наменети само за возрасни.
4news.mk




