Зоран Милановиќ го прогласи Александар Вучиќ за непожелен во Хрватска

Одлуката на хрватскиот претседател Зоран Милановиќ да го откаже планираниот мајски состанок во рамките на иницијативата Брдо–Бриони за да го спречи доаѓањето на претседателот на Србија, Александар Вучиќ во Хрватска, веќе цела недела предизвикува поделени реакции во јавноста.

Се чини дека преовладуваат критичките осврти, додека од другата страна се наоѓаат главно хрватската крајна десница и самиот Александар Вучиќ. Тој за медиумите го прокоментира тоа со зборовите дека „во целост“ се согласува со потегот на Милановиќ, бидејќи „таму не му е ни место“.

Во соопштението на Кабинетот на претседателот на Хрватска се наведува дека „политичките изјави и постапки“ на претседателот на Србија „последните денови и недели“ се во спротивност „со целта на процесот Брдо–Бриони“, чиј копретседавач е Милановиќ.

Се потсетува дека овој процес го покренаа Хрватска и Словенија со цел подобрување на меѓудржавната соработка и забрзување на европските интеграции на југоистокот на Европа. Подоцна од други извори беше објавено дека во кабинетот на словенечката претседателка Наташа Пирц Мусар, исто така копретседавачка на иницијативата, се разгледува алтернативна локација за состанокот што ги собира шефовите на држави од Западен Балкан.

Умилкување кон десницата?
„Начелно говорејќи, мислам дека секогаш е многу попаметно да се разговара отколку да не се разговара. На крајот на краиштата, тоа денес на нашиот континент најдобро се гледа на примерот ЕУ и Русија“, изјави за ДВ Томислав Јакиќ, надворешнополитички коментатор и поранешен советник за надворешна политика на Стјепан Месиќ, хрватски претседател од претходната деценија.

Тој додава дека по четири години Европската унија „конечно дојде на себе“ и констатираше дека со Русија „може и мора да се комуницира“. Да се размислувало така од почеток, смета Јакиќ, состојбата во врска со војната во Украина секако не би била полоша отколку што е.

Кога станува збор за односите меѓу Хрватска и Србија, тој смета дека, не само според претходниот пример, туку и со почитување на историјата, пред сè не треба да се заборави дека станува збор за соседи.

„Поради низа причини упатени сме едни на други“, продолжува тој, „а изградбата на што е можно подобри односи дефинитивно е во интерес на граѓаните на двете земји. Ако не добрососедски, тогаш барем коректни односи. А откажувањето на состанокот во рамките на процесот Брдо–Бриони, на кој Хрватска требаше да биде домаќин, никако не придонесува за унапредување на тие односи.“

 

 

DW