Препораки за штедење гориво – дел остварливи, други потешко

Македонското Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини ги разгледува препораките за штедење што неодамна ги презентираше Меѓународната агенција за енергија, МАЕ, (IEA) за да се оцени кои од нив може да бидат применливи и имплементирани во домашни услови.

Во пакетот препораки спаѓа ограничување на побарувачката за гориво, намалување на ограничувањето на брзината на автопатите за 10 километри на час, поттикнување на користењето на јавниот превоз, систем пар-непар за приватни возила, споделување на транспортот односно усвојување поекономични навики на возење, како и работа од дома таму каде што е можно.

Според министерката за енергетика, Сања Божиновска, работа од дома законски не е возможна за вработените во државната администрација. Поттикнувањето за користење јавен превоз е еден од начините за штедење, но од друга страна, проблем е што нема јавен превоз насекаде во државата.

Позната пракса
Возењето според системот „пар-непар“ (гледано според последната бројка од регистарската табличка на возилото) и во точно определени денови, им е добро познато на повозрасните граѓани во земјата. Таква пракса имаше во поранешната СФРЈ (1979 година), а слични мерки функционираа и за време на економското и сообраќајно ембарго кон Македонија од страна на Грција во 1994 и 1995 година, поради што имаше рационирано снабдување со определени стратегиски производи, нафта и нафтени деривати.

„Се сеќавам добро на сите кризи и мерки. Ама се сеќавам и дека рестрикциите во превозот резултираа со многу доцнења на работа“, вели скопјанецот Милан Трајков (73).

Смета дека поголемото користење на јавниот превоз таму каде што го има, не зависи само од желбата туку и од капацитетите на истиот – доколку е добро организиран, со повеќе линии и со поголем број автобуси. Од друга страна, иако заедничкото споделување на транспортот навидум изгледа лесно за реализација, од искуство вели дека тоа не е толку едноставно.

„Зависи дали тие што би користеле едно возило, одат во иста или барем приближна насока, дали имаат ист почеток и крај на работно време, дали на некого од нив и во текот на работно време му е потребно да користи возило итн… Тоа не е едноставно за усогласување. Го кажувам ова од лично искуство“, вели тој.

Координирани напори
Препораките на Меѓународната агенција за енергија уследија откако значително порасна цената на нафтата и другите енергенси поради случувањата на Блискиот Исток. Пo американско-израелските напади врз Иран, Техеран речиси целосно го парализираше сообраќајот низ Ормускиот Теснец, низ кој минуваат околу една петтина од светските залихи на нафта, како и залихите на течен природен гас што доведе до нагло зголемување на цените на горивата и закана од глобални последици.

 

 

DW