Иран: Нови американски напади и меѓусебни закани

Американската војска во текот на ноќта ги продолжи своите напади врз Иран. Цел била воена инфраструктура во земјата, соопшти надлежната регионална команда ЦЕНТКОМ преку социјалната мрежа X. Според соопштението, нападите биле насочени кон тоа „дополнително да се ослаби способноста на Иран да им се заканува на цивилните морнари и трговските бродови во водите на регионот“. Ова беше дванаесетта последователна ноќ во која САД ја напаѓаат Исламската Република.

Иранските државни медиуми јавија дека американски ракети погодиле цели во близина на градовите Ахваз, Рамхормоз и Андимешк во западниот дел на Иран. Во уште еден американски ракетен напад врз градот Шаламче, на границата со Ирак, биле убиени две лица. Во ноќта кон среда, за првпат од последната ескалација на војната, повторно бил прогласен воздушен аларм и во главниот град Техеран.

Нови закани од Трамп
Во последно време американскиот претседател Доналд Трамп повеќепати се закани со уништување на цивилна инфраструктура во Иран. На својата социјална мрежа Трут Соушл тој напиша дека САД во иднина ќе „бомбардираат и уништуваат“ мост или електрана во Иран секогаш кога Исламската Република ќе отвори оган врз брод во Ормускиот Теснец. На мета би биле и мостови и електрани во Техеран или во негова близина.

Раководството во Техеран одговори со сопствени закани. Во случај на американски напади врз иранската инфраструктура, ќе следува масовна одмазда, изјави министерот за надворешни работи Абас Арагчи на платформата X. „Нашата одбранбена политика е јасна: око за око.“

 

 

DW