Европската Унија останува целосно посветена на европската перспектива на Северна Македонија и нема никакво сомневање дека земјата се смета за идна членка на Унијата, порача евроамбасадорот Михалис Рокас на седницата на Националниот совет за евроинтеграција, посветена на клучните аспекти на процесот на европска интеграција.
Тој нагласи дека напредокот кон членството воЕУ зависи од спроведувањето на реформите, владеењето на правото и политичкиот консензус. Слични пораки испрати и министерот за европски прашања Беким Сали, додека лидерот на СДСМ, Венко Филипче, предупреди дека намерното запирање на европскиот пат претставува форма на државен удар.
Рокас: Северна Македонија има јасна европска перспектива
„Не треба да имате никакво сомневање дека Европската Комисија е целосно посветена да ја види вашата земја како полноправна членка на ЕУ“, рече Рокас. Тој истакна дека процесот на проширување е во полн ек и дека секојдневно се бележат нови позитивни случувања.
Осврнувајќи се на дебатите во Европската Унија за проширувањето, Рокас нагласи дека биле анализирани и финансиските аспекти на процесот. Тој посочи дека, според студија за случајот на Црна Гора, трошоците за проширувањето би изнесувале помалку од едно евро дневно по граѓанин, што покажува дека процесот е финансиски одржлив.
„Франција и Германија беа двигатели на оваа иницијатива, а целта е заедничка за сите: да се забрза процесот на пристапување, да се исполнат сите неопходни предуслови, но истовремено земјите кандидати постепено да добијат поголем пристап до внатрешниот пазар на ЕУ“, рече Рокас.
DW




