УХМР соопшти дека силниот ветер што ја погоди Северна Македонија достигнал орканска јачина од 134 километри на час. Ураганот предизвика голем пустош и материјална штета, а има и повредени лица.
Редок метеоролошки феномен ја погоди Северна Македонија во вторникот (21 јули), кога оркански ветер со брзина до 134 километри на час предизвика голем пустош во повеќе делови од земјата.
Последното невреме зад себе остави искорнати дрвја, оштетени покриви, уништени возила и домови, а беа повредени и десетици граѓани. Според Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), станува збор за исклучително редок феномен за овие простори.
УХМР, повикувајќи се на податоци од Националната мрежа на автоматски метеоролошки станици, информира дека на 21 јули биле регистрирани исклучително високи вредности на удари на ветер, приближни до историските рекорди.
Последен пат ваков урагански ветер ја зафатил земјата во јули 2012 година, кога во штипскиот регион е измерен ветер со јачина од 155 километри на час.