Како Кина може да одговори на санкциите на САД против најголемите руски нафтени компании?

Американските санкции против руските нафтени гиганти Розњефт и Лукоил ги вознемирија глобалните енергетски пазари и ги натераа најголемите кинески државни нафтени компании да го запрат увозот на руска сурова нафта.

Иако сега се соочува со сериозни казни доколку продолжи да соработува со санкционираните руски компании, Кина — еден од најголемите купувачи на руски енергенси — има своја стратегија за справување со последиците, велат експертите.

Кина со месеци ги зголемува своите резерви на нафта, заштитувајќи се од можни шокови, а кинеските нафтени компании би можеле да најдат начини да се снајдат во услови на санкции и да продолжат да купуваат руска нафта по пониски цени.

Прекинот на кинескиот увоз на руска сурова нафта би можел значително да ги намали приходите на Москва од нафтата, додека администрацијата на американскиот претседател Donald Trump се обидува да изврши дополнителен притисок врз Кремљ, во рамки на напорите да посредува во преговори за крај на војната во Украина.

Санкциите на САД, објавени на 22 октомври, ги исклучија руските компании од американскиот банкарски систем, спречувајќи ги да работат во американски долари. Сите што ќе ги прекршат овие мерки може да се соочат со строги казни, вклучително и секундарни санкции.

Сепак, аналитичарите предупредуваат дека влијанието на американските санкции во голема мера ќе зависи од тоа колку строго ќе се спроведуваат и дали Вашингтон е подготвен да воведе секундарни санкции за земјите што ќе продолжат да соработуваат со „Росњефт“ и „Лукоил“.

 

 

 

slobodnaevropa.mk