Специјалниот пратеник на рускиот претседател Владимир Путин за инвестиции и економска соработка изјави дека верува оти САД, Украина и Русија се блиску до дипломатско решение за ставање крај на војната во Украина.
„Верувам дека Русија и САД и Украина се всушност доста блиску до дипломатско решение“, изјави Кирил Дмитриев за Си-Ен-Ен на 24 октомври.
Дмитриев претходно потврди дека е во САД на долго планиран состанок. Тој не кажа со кого ќе се сретне.
Во американските медиуми се вели дека ќе се сретне со специјалниот пратеник на Трамп, Стив Виткоф, во Мајами на 25 октомври. ТАСС го цитираше Дмитриев како вели дека ќе се сретне и со други луѓе, без да ги именува.
Американскиот претседател Доналд Трамп оваа недела ги санкционираше двете најголеми руски нафтени компании за да изврши притисок врз Русија да ја прекине својата целосна инвазија на Украина.
slobodnaevropa.mk




