Ким Џонг Ун е отворен за дијалог со САД ако се откажат од денуклеаризација

Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун изјави дека е подготвен да ги обнови контактите со Соединетите Држави доколку тие ги напуштат барањата Пјонгјанг да се откаже од својата нуклеарна програма, објавија севернокорејските медиуми на 22 септември.

„Ако САД се откажат од својата заблудна опсесија со денуклеаризација и, препознавајќи ја реалноста, навистина сакаат мирно да коегзистираат со нас, тогаш нема причина зошто не можеме да седиме спроти нив“, рече Ким, а пренесе државната новинска агенција КЦНА.

„Јас лично имам убави спомени со сегашниот американски претседател Доналд Трамп“, додаде Ким во говорот пред севернокорејскиот парламент.

Северна Кореја спроведе шест нуклеарни тестови помеѓу 2006 и 2017 година и оттогаш продолжи да го развива својот арсенал и покрај тешките меѓународни санкции.

Пјонгјанг ја оправдува својата воена нуклеарна програма со заканите со кои вели дека се соочува од САД и нивните сојузници, вклучително и Јужна Кореја. Во јануари, Ким Џонг Ун изјави дека оваа програма ќе продолжи „на неодредено време“.

Според КЦНА, Ким Џонг Ун изјави дека санкциите против неговата земја не функционираат.

Напротив, тие ѝ помогнаа на Северна Кореја „да стане посилна, да развие издржливост и отпорност што не можат да бидат скршени од никаков притисок“, рече тој.

Доналд Трамп, кој одржа серија средби со Ким Џонг Ун за време на неговиот прв мандат, покажа подготвеност откако се врати на власт во јануари да го обнови контактот со севернокорејскиот лидер, кого го опиша како „паметен човек“.

 

 

 

 

slobodnaevropa.mk