По признавањето вина од онкологот Пешевска и изрекувањето на пресудата за неа, судењето за несовесно лекување пациенти ќе продолжи за поранешниот директор и двајца доктори од Онкологија. Во судска постапка е уште и предмет против поранешните директори на Клиниката – медицински и економски. И тие и докторите, ги отфрлаат обвиненијата што им се ставаат на товар.
Алтернативна мерка – условна казна доби докторката, онколог, Мери Пешевска, во случајот „Онкологија“ каде се гони за тешки дела против здравјето на луѓето, а во врска со лекување пациенти болни од рак на државната Клиника за радиотерапија и онкологија.
Ваква пресуда денеска (22 септември) изрече судијката Снежана Марковска од Основниот кривичен суд Скопје откако онкологот Пешевска на рочиштето одржано на 5 септември призна вина. Делото според судијката, е сторено од небрежност.
Алтернативната мерка значи две години затворска која ќе се изврши само доколку обвинетата во наредните пет години стори ново кривично дело.
За изречената пресуда, Пешевска и нејзиниот адвокат, како и обвинителството, имаат право на жалба до Апелациониот суд.
Судијката Марковска рече дека судот ценел дека со овој вид на казна во конкретниот случај, општеството може да се заштити од криминал.
„Условната казна не претставува избегнување на казнување туку судот оцени дека може да се оствари целта на казнувањето… Во овој случај може да се очекува самата закана од затвор кон обвинетата да ги оствари цели“, рече судијката додавајќи дека „судот оправдано очекува дека обвинетата може да ги поправи своите постапки“.
slobodnaevropa.mk




