Кина во глобалната трговија сè повеќе ја заменува употребата на американскиот долар со сопствената валута – јуанот

Зошто Кина се оддалечува од доларот
Овој тренд започна за време на глобалната финансиска криза во 2008–2009 година, кога Пекинг беше загрижен поради агресивното печатење пари од страна на Федералните резерви на САД. Тоа ја загрози вредноста на 1,9 трилиони долари странска актива на Пекинг.

Како одговор, Народната банка на Кина (PBOC) во 2009 година започна пилот-програма за порамнување на прекуграничната трговија во јуани.

Растечката улога на јуанот во глобалната трговија
Оваа програма беше вовед во 16-годишна кампања, резултирајќи со тоа што денес јуанот се користи за 30% од кинеската глобална трговија со стоки. Ако се вклучат и други прекугранични трансакции – како купување обврзници и странски инвестиции – уделот на јуанот достигнува 53%, надминувајќи го доларот за првпат во 2023 година.

Минатата година, јуанот накратко го надмина и еврото како втора најкористена валута во глобалната трговија.

Според ММФ, уделот на јуанот во глобалните девизни резерви достигна рекордни 2,4% во вториот квартал од годината.

Регионализација наместо дедоларизација
Додека земјите од БРИКСбараат алтернативи на доларот, Кина следи прагматичен пристап – постепено ја гради улогата на јуанот во трговијата, притоа задржувајќи контрола врз валутните трансакции.

Експертот Мигел Отера-Иглесијас за ДВ вели дека Кина сака јуанот да се интернационализира како валута за реалната економија, а не како финансиска валута.

Ако Пекинг дозволи јуанот да се користи на глобалните финансиски пазари, тоа би ја намалило контролата на Комунистичката партија врз домашниот кредитен систем.

Иако медиумите често го претставуваат растот на јуанот како закана за доминацијата на доларот, кинеските власти не го нарекуваат овој процес „дедоларизација“. Наместо тоа, тие зборуваат за „регионализација на јуанот“, особено во земјите од Глобалниот Југ.

Во последните три години, Кина го користи својот економски и геополитички капитал за да склучи поволни договори за енергија и суровини, особено со Русија, при што сè поголем дел од тие трансакции се вршат во јуани.

 

 

DW