Кина ја надминува Германија во клучни технологии

Новинарите ретко добиваат можност да ѕирнат во една од најмодерните фабрики во Европа: хала долга над сто метри, во која работат само десетина луѓе, додека околу нив зујат безброј роботи и светкаат контролни панели. Таблите на кинески, англиски и германски јазик предупредуваат дека фотографирањето е строго забрането. На новинарите им се прекриваат камерите на телефоните со селотејп, а за секое кратко аудио-снимање е потребна дозвола од портпаролот.

Но, оваа фабрика не се наоѓа во Кина — туку во Арнштат, мала општина во германската покраина Тирингија. Таа припаѓа на кинеската компанија CATL, светски лидер во производството на батерии за електрични автомобили.

Во германскиот погон, од над 1.700 вработени, само околу десет проценти доаѓаат од Кина. Фабриката располага и со центар за стручно образование, во кој дваесетина ученици се обучуваат за професии како мехатроника.

Градоначалникот на Арнштат, Франк Шпилинг, е задоволен: „Ова е најдоброто што можеше да ни се случи. Возбудлив сектор, светски лидер кој инвестира во Арнштат — тоа е добро за градот во секоја смисла“.

ЕУ размислува за нови правила за кинеските инвестиции
Во Арнштат годишно се произведуваат 14 GWh батерии — доволно за најмалку 200.000 електрични возила. Европските производители се меѓу најважните купувачи. За CATL, производството во Европа значи пократки транспортни рути за тешките и запаливи батерии, како и помал геополитички ризик од царини и трговски рестрикции.

Во исто време, оваа фабрика симболизира поширока промена во трговските односи меѓу Кина, Германија и целатаЕУ.

Европската Унија моментално разгледува прописи за кинеските компании што сакаат да инвестираат во Европа. Меѓу разгледуваните услови се јасни правила за трансфер на технологија, локална додадена вредност и вработување европски работници.

Еврокомесарот за трговија, Марош Шефчовиќ, изјави во октомври 2025 година дека ЕУ ги поздравува странските инвестиции, но тие мора да бидат „реални инвестиции“, кои отвораат работни места и овозможуваат трансфер на технологија — „исто како што европските компании правеа кога инвестираа во Кина“.

Германија со децении беше модел за Кина
Ознаката „Произведено во Германија“ (Made in Germany) долго време претставуваше репер за квалитет и индустриски стандарди во Кина. Уште во 1980-тите, заедничкиот проект на Фолксваген во Шангај остави силен впечаток врз кинеските партнери.

Две децении подоцна, Германија ја разви иницијативата „Индустрија 4.0“ со цел да ја подигне продуктивноста преку интелигентно поврзано производство. Кина во тоа време веќе настојуваше да го надмине имиџот на производител на евтини производи — а германските стандарди беа привлечен модел.

Во 2014 година двете земји потпишаа договори за соработка. Кинеските компании беа особено импресионирани од фабриките на Сименс.

Само една година подоцна, во 2015, Пекинг ја претстави својата голема стратегија за модернизација на индустријата: „Произведено во Кина 2025“.

Европа и „Произведено во Кина 2025“
Следеше агресивна политика на поддршка: кинеските компании беа охрабрувани да купуваат технологија и дури цели европски компании. Преземањето на германскиот производител на роботи Кука од страна на кинеската компанија Мидеа во 2016 година беше пресвртна точка.

Веќе тогаш, Институтот Меркатор за кинески студии предупреди дека таквиот трансфер на технологии може да донесе краткорочни добивки, но и долгорочни ризици за Европа.

Сепак, некои германски менаџери тогаш беа скептични дека Кина ќе напредува брзо. „Потребни се 20 до 30 години за овладување со овие процеси и технологии“, тврдеше Клас Нојман од САП во 2016 година.

Но, Кина масовно инвестираше во истражување и развој. Од 2007 до 2022 година, овие вложувања пораснаа од 1,37% на 2,56% од БДП. Државните субвенции меѓу 2014 и 2024 година се пораснаа за четири пати. Само САД вложуваат повеќе.

Технолошкиот подем на Кина
Денес, Кина веќе исполни голем дел од целите на стратегијата „Произведено во Кина 2025“ и стана глобален лидер или сериозен конкурент во многу индустрии. Оливер Вак од германското здружение ВДМА посочува дека увозот на кинески машини во ЕУ нагло расте: „Во 2018 година вредеше 20 милијарди евра, во 2024 — 40 милијарди, а годинава можеби ќе достигне и 50 милијарди“.

И покрај тоа, Германија сè уште извезува повеќе машини во Кина отколку обратно.Но, во сектори како зелена енергија, електромобилност и железничка технологија, кинескиот притисок е уште посилен.

Карло Дијего Д’Андреа од Трговската комора на ЕУ во Шангај вели дека кинеските соларни и ветерни капацитети ги надминуваат сите други земји заедно. Кина доминира и на светскиот пазар на дронови со 70% удел — а слично е и кај електричните автомобили.

 

 

 

 

DW