Криза во енергетиката, слободни раце за јавни набавки

Со прогласувањето кризна состојба за електрична енергија Владата ги активираше државните резерви за мазут за потребите на ЕСМ. Но со одлуката се отвора можноста за итни јавни набавки и договори во четири очи, а злоупотреби откри Антикорупциската комисија за време на енергетската криза во 2021 и 2022

Одлуката за прогласување кризна состојба за електрична енергија во Северна Македонија, образложено со блокадите на граничните премини од грчките земјоделци и неможноста да се увезе мазут, повторно го отвора прашањето дали „кризата“ ќе се користи како алиби за нетранспарентни набавки на енергенси и договори склучени без јавна конкуренција?

Владата на 23 декември прогласи кризна состојба во снабдувањето со електрична енергија по барањето на државната компанија „Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ) за да се активираат државните резерви на мазут поради проблемите со набавката од Грција.

„Задолжителните резерви на нафтениот дериват мазут ќе бидат отстапени без надоместок со цел да се обезбеди стабилност во електроенергетскиот систем, а АД ЕСМ ќе има обврска редовно да доставува извештаи за трошењето на мазутот до Владата и до Министерството за финансии“, велат од Владата.

 

 

 

slobodnaevropa.mk