Кризата со гориво во Русија, предизвикана од украински напади со дронови, се заострува. Рафинерија по рафинерија се затвораат заради поправки, а обемот на производство значително опаѓа. Цените на горивото, како последица на тоа, достигнаа рекордно ниво на берзите, а и на бензинските пумпи постојано растат, но не толку драматично бидејќи владата вештачки ги одржува пониски. Но, како и во советско време, регулирањето на цените доведува до недостиг на гориво.
Каква штета предизвикаа украинските дронови?
Според слободно достапните извори на податоци што ги анализираше ДВ, украински дронови во изминатите месеци погодија бројни рафинерии за нафта во Русија, меѓу кои Афипски, Илски и Славјанск во регионот Краснодар, како и постројки во Волгоград, Новокубишевск, Новошахтинск, Рјасан, Самара, Саратов, Сисран и Ухта. Речиси половината од рафинериите во Русија биле барем еднаш нападнати. Руските власти ги чуваат во тајност официјалните податоци за производството, па обемот на настанатата штета може само да се проценува врз основа на анонимни извештаи од инсајдери и експерти. Според истражувањата на Ројтерс и Економист, можно е до 20 проценти од капацитетите на рафинериите привремено да се вон употреба. Учесник на пазарот за рускиот весник Комерсант потврди слична проценка. Во септември недостасуваа околу 400 илјади тони бензин при вкупен обем од два милиони тони. Украинскиот претседател Володимир Зеленски,исто така наведе дека недостигот на бензин во Русија достигнал 20 проценти.
Зошто токму сега се појавува недостиг?
Кризата беше во најава уште кон средината на летото – дури и пред да се случат масовните прекини во работата на рафинериите. Неколку фактори се поврзани – сезонското зголемување на потребата, редовните одржувања во некои рафинерии и непланирани поправки во други. Освен тоа, нафтените концерни значително го зголемија својот извоз.
Кога недостигот доведе до пораст на цените до рекордно високи нивоа, властите воведоа привремена забрана за извоз. Тоа првично донесе олеснување на пазарот, но експерти во старт предупредуваа дека ефектот брзо ќе попушти, ако дојде до дополнителни попречувања – како што се масовни напади со дронови. А, токму тоа и се случи. Клучен фактор можеби е и променетата тактика на украинските вооружени сили. Тие постојано ги напаѓаат сѐ истите рафинерии и спречуваат да отпочнат со работа. Па така постројката во Рјасан, една од најголемите во земјата, беше најмалку шест пати мета на напади, а во Волгоград и Сисран четири пати. „Пред тоа, некаде во 2024 година, секоја рафинерија беше напаѓана само еднаш, така што штетата може да се поправи во рок од само неколку дена или недели“, објаснува Сергеј Вакуленко, експерт во Центарот за Евроазија и Русија „Карнеги“ во Берлин, во интервју за ДВ.
Форми на кризата
Руските производители се должни да продаваат најмалку 15 проценти од својот бензин на берзата. Цените таму се скокнати за повеќе од 40 проценти од почетокот на годината до сега. Истовремено државата домашниот пазар го одржува вештачки стабилен на начин што нафтените компании продаваат бензин на домашниот пазар по регулирани цени и добиваат надомест од државата за евентуални загуби. Освен тоа, антимонополската управа ги следи зголемувањата на цените и на 30 септември најави инспекции на бензинските пумпи во неколку региони. Според Ростат, малопродажните цени на бензинот се зголемиле за 8,36 проценти од почетокот на годината (заклучно со 24 септември). Тоа е двојно повисоко од општата стапка на инфлација, но сепак е умерено. Проблемот е што бензинските пумпи кои не се поврзани со нафтени компании и не купуваат гориво директно од нив, не добиваат никакви надоместоци од државата за порамнување. Тие мора бензинот да го купуваат на берзата, каде што цените се блиски до оние во трговијата.
DW




