Започна Мониторинг мисијата на WBIF во Северна Македонија – Беким Сали: Фокус на ефикасна имплементација и конкретни резултати за граѓаните

Министерството за европски прашања беше домаќин на состанокот на високо ниво со кој започна Мониторинг мисијата на Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF) во Северна Македонија, со учество на претставници на Европската комисија, Делегацијата на Европската Унија, меѓународните финансиски институции, ресорните министерства и институциите задолжени за спроведување на проектите.
Во своето воведно обраќање, Првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, истакна дека WBIF останува еден од најзначајните инструменти за поддршка на економскиот развој на државата, регионалната поврзаност и процесот на европска интеграција.
„Нашата одговорност не завршува со обезбедувањето финансиски средства. Вистинската мерка за успех е имплементацијата. Секој реализиран проект значи повеќе можности за граѓаните, поконкурентна економија и повисок квалитет на живот“, истакна министерот Сали.
Тој нагласи дека мониторингот треба да се гледа како стратешка алатка за управување која овозможува навремено препознавање на предизвиците, поефикасна институционална координација и носење одлуки базирани на резултати.
На состанокот беа разгледани клучните предизвици во спроведувањето на инфраструктурните проекти, вклучително и капацитетите на единиците за имплементација на проекти, постапките за јавни набавки, промените во опфатот на проектите, меѓуинституционалната координација и административните процедури за издавање дозволи и одобренија.
Сали истакна дека Реформската агенда и Инструментот за реформи и раст воспоставија постратешки пристап кон планирањето на инвестициите, додека фокусот во наредниот период треба да биде насочен кон зголемување на ефикасноста на имплементацијата и обезбедување конкретни придобивки за граѓаните.
Учесниците ја потврдија заедничката посветеност за зајакнување на механизмите за мониторинг, унапредување на институционалните капацитети и забрзување на реализацијата на стратешките проекти кои придонесуваат за економски развој и за напредокот на државата кон членство во Европската Унија.
Мониторинг мисијата на WBIF ќе продолжи и во наредните два дена со тематски состаноци посветени на транспортот, енергетиката и животната средина, како и со теренска посета на проектот за Пречистителна станица за отпадни води во Скопје.