Одлуката за запирање на постапката за набавката на мазутза ТЕЦ „Неготино“ ја вжешти релацијата меѓу Владата и Обвинителството, отворајќи серија политички и институционални дилеми. Ваквиот тек на настаните следи откако Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) реши да ја запре истрагата, што предизвика остри реакции од премиерот Христијан Мицкоски и министерот за правда Игор Филков.
Реакции од Владата: Мицкоски и Филков бараат одговорност
Премиерот Мицкоски и министерот Филков побараа преиспитување на одлуката и повторна анализа. Ако тоа не се случи, според Мицкоски, „Обвинителството дефинитивно го губи својот кредибилитет“. Тој одговорноста ја лоцираше кај Ислам Абази, шефот на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.
И Филков оцени дека ваквата одлука претставува сериозен удар врз довербата на граѓаните во правосудниот систем.
„Во време кога јавноста очекува расчистување на сомнежите за милионски криминал и злоупотреби, добиваме порака дека предмети од висок јавен интерес се затвораат без целосна разрешница. Како министер за правда, сметам дека оваа одлука мора итно да биде преиспитана“, порача тој.
Постапката за набавка на мазут траеше една година и се однесуваше на ТЕЦ „Неготино“. Обвинителството соопшти дека не се утврдени докази дека осомничените ги сториле кривичните дела. Истрагата беше водена против 13 лица, меѓу кои Асмир Јахоски („Пуцко петрол“), Ерџан Сулкоски и Ратко Капушевски (РКМ) и поранешниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски.
Телефонскиот разговор со Ненад Савески отвори дилеми
Одлуката дополнително ја усложни ситуацијата откако Мицкоски изјави дека телефонски разговарал со државниот јавен обвинител Ненад Савески. Ова предизвика реакции во јавноста и отвори прашања за односите меѓу извршната власт и обвинителството.
Јавното обвинителство потврди дека разговорот навистина се случил, но нагласи дека не било разговарано за конкретен предмет и не биле споделени детали за истрагата за мазут. Од таму исто така потенцираа дека државниот јавен обвинител дознал за одлуката по нејзиното донесување.
DW




