Македонската машка кадетска ракометна репрезентација освои злато на Светското училишно првенство што се одржа во Скопје

Македонската машка кадетска ракометна репрезентација испиша историја, освојувајќи го златниот медал на Светското училишно првенство што се одржа во Скопје. Во големото финале, нашите млади ракометари ја совладаа селекцијата на Израел со 38:32 и заслужено се искачија на светскиот трон.

Во преполната сала „Јане Сандански“, пред поддршката од домашната публика, избраниците на селекторот Горан Кузманоски одиграа зрел и доминантен натпревар. По изедначениот почеток, Македонија брзо ја презеде контролата и на полувреме замина со сигурна предност од 20:14. Во продолжението, со цврста одбрана и брзи транзиции во нападот, нашите ракометари ја задржаа предноста и не дозволија изненадување.

„Овој успех е резултат на макотрпна работа, дисциплина и посветеност на целиот тим“, изјави селекторот Кузманоски по натпреварот.

Македонија до златото стигна со импресивен учинок – шест победи од исто толку натпревари. На патот до финалето беа совладани Бугарија, Грузија, Република Српска и Саудиска Арабија во групната фаза, а во полуфиналето нашите ракометари убедливо ја надиграа Србија.

 

 

 

skopjeinfo.mk