Денес сме собрани со исклучително важна цел – да потврдиме дека реформите не се само зборови во програма, туку дела што се гледаат и чувствуваат. Нема модерна држава без модерна администрација. Нема напредна економија без функционален јавен сектор. Нема доверба во институциите без професионални, одговорни и мотивирани службеници.
Претходната влада ја остави администрацијата демотивирана, со нарушена доверба, со луѓе кои се чувствуваа оставени на цедило. Чекавме со години за нормални системи за обука, а резултатите беа стагнација и загубени генерации на службеници кои немаа пристап до современи знаења.
Тоа време заврши. Денес јавно кажуваме: јавната администрација нема повеќе да биде партиски плен. Ќе биде професионална, ефикасна и ќе работи за граѓаните.
Нашиот пат кон Европската Унија е повеќе од хармонизација на закони – тоа е создавање институции кои работат по европски стандарди. Овие обуки се доказ дека не чекаме да ни биде кажано што да правиме. Ние сме генерацијата што ја презема иницијативата и сака да ја донесе Европа дома – преку современ јавен сектор.
Заедно ќе создадеме јавен сектор кој нема да биде само апарат на државата, туку двигател на развојот, партнер на граѓаните и гарант на европската иднина на Македонија.


