Премиерот Христијан Мицкоски изрази задоволство од реализацијата и пуштањето во употреба на нови инфраструктурни проекти, нагласувајќи дека ваквите инвестиции носат директна корист за граѓаните и придонесуваат за развојот на локалните заедници.
При посетата на еден од новозавршените објекти, Мицкоски истакна дека особено радува фактот што проектите веднаш го наоѓаат своето место во секојдневниот живот на граѓаните, посочувајќи дека објектот веќе го користат младите.
„Не може човек да не биде задоволен кога ќе направи нешто добро и корисно за заедницата. Посакувам уште многу вакви проекти да започнеме во периодот што следи, а оние што се започнати успешно да ги завршиме, бидејќи дадените ветувања треба да се реализираат“, изјави Мицкоски.
Тој нагласи дека Владата останува посветена на соработката со општините во реализацијата на капиталните инвестиции, потсетувајќи дека преку два јавни повика на Министерството за локална самоуправа се обезбедени средства во износ од околу 350 милиони евра.
Според премиерот, заедно со останатите проекти што ги финансираат ресорните министерства преку различни програми, вкупната директна инвестиција на Владата во општините достигнува околу половина милијарда евра.
Мицкоски оцени дека станува збор за значајна инвестициска активност реализирана во изминатите две години од мандатот на Владата и најави дека поддршката за локалниот развој ќе продолжи и во наредниот период.




