САД одбиле ирански напади во Персискиот Залив

САД според сопствени наводи во текот на ноќта одбиле повеќе напади на Иран врз цели во регионот на Персискиот Залив. Неколку балистички ракети и беспилотни летала биле пресретнати, соопшти Регионалната команда за Блискиот Исток на платформата X. Според информациите, не е повреден ниту еден припадник на американската војска, ниту пак е причинета материјална штета.

Како реакција на иранските напади, САД извршиле и таканаречени „самоодбранбени удари“врз воен објект на Иран на островот Кешм во Ормускиот теснец. Непосредно претходно, Кувајт и островската држава Бахреин пријавија напади со ракети и дронови. Двете земји се клучни сојузници на САД во регионот и се домаќини на значајни американски воени бази.

Според американските податоци, последните ирански напади не ги погодиле целите – дел од ракетите не функционирале, а дел биле успешно пресретнати од противвоздушната одбрана. Американската војска дополнително соопшти дека соборила три беспилотни летала кои биле лансирани од Иран и биле насочени кон цивилни бродови што се движеле во регионалните води.

Нападот на танкерот како повод за ескалацијата
Позадината на новите напади, според достапните информации, е акција на американската војска во близина на иранскиот остров Харг, важен за извозот на иранска нафта. САД соопштија дека нападнале ненатоварен нафтен танкер кој се обидувал да вплови во иранско пристаниште. Бродот бил онеспособен со ракетен удар.

Екипажот на танкерот, кој пловел под знамето на Боцвана, наводно ги игнорирал повеќекратните предупредувања на американските сили во период од 24 часа, по што САД интервенирале за да го спречат пристигнувањето на бродот во Иран.

Иранската страна го потврди нападот како повод за возвратни акции. Воен портпарол на Иран преку платформата X соопшти дека Револуционерната гарда извршила одмазднички удари и предупреди дека „секоја агресија ќе биде проследена со посилна и посоодветна реакција“, додавајќи дека таквата реакција веќе е реализирана.

Во вторник, американскиот претседател Доналд Трамп повтори – и покрај спротивните изјави од Иран – дека преговорите меѓу Вашингтон и Техеран во врска со конфликтот со Иран се во тек. „Извештаите кои тврдат дека Исламската Република Иран и САД ги прекинале разговорите пред неколку дена се лажни и погрешни“, напиша тој на својата платформа, Трут Соушл. Разговорите, истакна тој, продолжуваат непрекинато. „Никогаш не знаете каде ќе водат“, додаде Трамп. Сепак, тој изјави дека му рекол на Иран дека е време „да се склучи договор, на еден или друг начин“.

 

 

 

DW