Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) предупредува дека шокот од растот на цените на енергијата, предизвикан од војната на Блискиот Исток, ќе влијае врз економските изгледи на Македонија и повторно ќе ги засили инфлациските притисоци.
Според најновата Завршна изјава на Мисијата на ММФ, растот на реалниот БДП се очекува да забави на 3,1 процент во 2026 година, што е блиску до проценетиот потенцијал од 3 проценти на среден рок. Истовремено, порастот на глобалните цени на нафтата ќе придонесе инфлацијата да достигне околу 4,5 проценти во 2026 година.
Високите цени на нафтата го зголемуваат увозот и дефицитот
Поради зголемениот увоз на енергија, ММФ проценува дека дефицитот на тековната сметка ќе се прошири на околу 5 проценти од БДП во 2026 година. Со очекуваната стабилизација на глобалните пазари на стоки, овој дефицит постепено би се намалил на околу 3 проценти од БДП на среден рок.
Со цел да го ублажат ударот од високите цени, владата привремено го намали ДДВ-то на горивата од 18 на 10 проценти и ослободи горивива од државните резерви за контрола на трошоците за производство на електрична енергија.
Сепак, ММФ оценува дека генерализираните субвенции се неефикасни и регресивни, поради што препорачува постепено и брзо укинување на намалениот ДДВ. Поддршката, според укажувањата, треба да биде насочена кон ранливите домаќинства преку постојните социјални програми.
DW




