Од пред две години на возрасни лица во Германија им е дозволено да поседуваат и консумираат мали количини канабис

Политиката за забрана на канабис во Германија е неуспех! Барем таква беше проценката на тогашниот сојузен министер за здравство, Карл Лаутербах од СПД пред нешто повеќе од две години. „Што и да решиме, вака не може понатаму“, изјави своевремено тој. Повеќе консументи, контаминиран и од таму особено опасен канабис, преоптоварена полиција и судови. Недоволна заштита на младите. Тоа беше ставот на владејачките коалициски Социјалдемократи, Зелени и Либерали во однос на прашањето. „Создаваме опција, алтернатива на загрижувачкиот, криминален црн пазар“, аргументираше Лаутербах. Па така од први април 2024 година, важи дека на возрасни лица им е дозволено да поседуваат 25 грама канабис надвор и 50 грама во домашни услови – како и одгледување до три растенија канабис.

Во консумирањето речиси и да нема промени
Какво влијание треба сето ова да има? Во законот се превидува научно истражување на ефектите. По првичниот извештај од есента 2025 година, сега е достапен втор извештај и од него произлегува дека во однос на консумирањето речиси ништо и да не е сменето, а претходните трендови од ерата пред легализацијата си продолжуваат. „Забележуваме постојан пад на процентот на консументи меѓу младите луѓе“, вели Даниел Коц, професор по истражување на зависности на Универзитетот во Диселдорф. Од 2019 година, овој тренд е во опаѓање. Кај возрасните пак, бројот на корисници на канабис се зголемува од година во година „и таквиот мал пораст продолжува“.

 

 

DW