Бугарскиот амбасадор во Северна Македонија во вторникот (23 јуни) бил повикан во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија (МНР), каде што било побарано објаснување и темелна истрага за објавувањето на дипломатската нота во јавноста, поврзана со патувањето во Пампорово на сопругата и синот на премиерот Христијан Мицкоски.
Истовремено, за случајот се информирани и претставници на стратешките партнери, како и на НАТО. Министерот за надворешни работи и трговија, Тимчо Муцунски на прес-конференција изрази сериозна загриженост за ваквите постапки од страна на Бугарија.
МНР бара објаснување од бугарскиот амбасадор
Муцунски нагласи дека до амбасадорот бил пренесен висок степен на незадоволство поради нарушувањето на дипломатските односи.
„Побаравме објаснување и темелна истрага за тоа како е дојдено до ваква ситуација“, изјави министерот.
Муцунски: Нарушена доверба и загрозена безбедност
Според него, вакви постапки се неприфатливи според меѓународното право, особено кога станува збор за движења на членови на семејства на државни функционери.
Муцунски подвлече дека безбедноста мора да биде врвен приоритет, додавајќи дека во земјава никогаш не се случило доверливи документи од ваков тип да завршат во јавност.
Тој истакна дека дополнително загрижува објавувањето на лични податоци поврзани со сопруга на премиер и малолетно дете, што претставува сериозен пресврт во дипломатската практика.
За случајот претходно информираше и премиерот Христијан Мицкоски кој рече дека последните потези од Бугарија не го прават оптимист дека ќе има напредок во разговорите за нашиот евроинтеграциски пат, односно почетокот на преговори со ЕУ. Тој оцени дека е преседан објавување информации за дипломатска нота за неговото семејство кое било на патување во Пампорово.
DW




