Два силни земјотреси ја погодија Венецуела и предизвикаа сериозни разурнувања, вклучително и уривање на згради во главниот град Каракас. Според Американската геолошка служба (УСГС), првиот потрес бил со јачина од 7,2 степени, а вториот дури 7,5 степени по Рихтер.
Според проценките на УСГС, постои висока веројатност бројот на жртви да достигне десетици илјади, па дури и до 100.000, со оглед на силата на потресите и густината на населението во погодените области.
Привремената претседателка Делси Родригез прогласи вонредна состојба и го опиша настанот како катастрофа со „сериозни последици“. Таа потврди дека најмалку 32 лица загинале, а повеќе од 700 се повредени, предупредувајќи дека бројките веројатно ќе растат.
Масовни штети и итни мерки
Земјотресите предизвикаа значителни штети во Каракас и северните делови на земјата. Голем број објекти се урнати, а спасувачките служби започнаа потрага по затрупани лица под урнатините.
Властите донесоа итни мерки: наставата е прекината, железничкиот сообраќај е стопиран, а меѓународниот аеродром во Каракас е затворен поради оштетувања на инфраструктурата.
Родригез истакна дека приоритет се спасувачките операции, а веќе се регистрирани најмалку 20 последователни потреси, што го зголемува ризикот од дополнителни уривања.
Меѓународна поддршка и предупредувања
САД и повеќе држави изразија подготвеност да помогнат. Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека сите институции се подготвени за брза реакција, нагласувајќи дека првичните извештаи се „алармантни“.
Помош понудија и државите од регионот, вклучително Ел Салвадор и Доминиканската Република, кои испраќаат спасувачки тимови и хуманитарна помош.
Во меѓувреме, американскиот центар за предупредување од цунами краткотрајно издаде аларм за Карибите, кој беше повлечен по околу еден час.
DW




